ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владата ќе ги замрзнува цените во маркетите

Откако цените на храната се „вивнаа до небо“ ресорниот министер Крешник Бектеши се реши на следната владина седница да побара од владата да се замрзнат цените на основните прехранбени призводи. Одлуката за замрзнување на цените на брашното, млекото, зејтинот и останатите основни продукти ќе биде донесена најдоцна до вторник.

Advertisements

„Министерството за економија ќе достави предлог-одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи на следната седница на Владата“, велат од Министерството за економија.

Експертите сметаат дека Владата морала побрзо да реагира. Освен нереални цени на основните производи, на пазарот има и производи кои се поскапени без никаков основ, вели за Алсат универзитетскиот професот Рахметула Ферати.

„Апелираме до Пазарниот инспекторат повеќе да контролира за да може да ги држи цените на соодветно ниво додека да се надмине оваа криза“, вели проф. Ферати.

Од Пазарниот инспекторат за Алсат велат дека ако Владата донесе одлука за замрзнување на цените, ќе ги зајакнат контролите.

„Контролираме дали цените се исти со тие кои се заведени во книгата за евиденција на трговците…“, велат од Пазарниот инспекторат.

Вртоглавото поскапување на храната започна со раст на цената на маслото за јадење. Пред два месеца литар зејтин чинеше до 50 денари, сега надминува и 100 денари. Раст на цените има кај речиси сите прехранбени производи, за 15 денари поскапо се продава еден килограм брашно, а за над 10 денари е поскапо млекото. Неколку пати во последниве два месеца токму министерот за економија Крешник Бектеши изјавуваше дека Владата ја следи состојбата со инфлацијата и не гледа дека има потреба од интервенција во растот на цените. Во меѓувреме, некои од државите во опкружувањето ги замрзнаа цените на храната и производите за лична хигиена, а во Хрватска беа замрзнати и цените на горивата.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button