ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата не го исполни ветувањето за ветинг во судството во првите 100 дена

Прочистувањето на судството сè уште заглавено во моделирање на процесот преку кој треба да се реализира бомбастично најавено прочистување од корумпирани судии. Алсат дознава дека се разгледуваат неколку решенија. Едно од нив е дури да се формира посебно тело надвор од Судскиот совет и Советот на обвинители. Ова тело, според наши информации, може да го состави Владата.

И додека во Министерството за правда сè уште бараат решение за да го имплементираат ветувањето за проветрување, најавите за брзо решение веќе спласнуваат. Нов датум за конечно претставување на моделот е Нова Година, иако само пред два месеца, министерот за правда Бојан Маричиќ уверуваше дека решение ќе има во првите 100 дена од влада, а тоа е денеска.

Прашање: Вие во една ваша изјава ќе кажете дека во 100 дена од мандатот со нашите партнери и стручната фела ќе утврдиме модел кој ќе обезбеди ефективно прочистување на судството. Останувате на оваа изјава?

„Останувам“, рече Маричиќ

Прашање: Во првите 100 дена.
„Во првите 100 дена ќе имаме модел по кој тоа ќе се спроведува и токму на тоа работиме“, одговори министерот Маричиќ.

Од Министерството за правда посочуваат дека доколу судија или обвинител постапил несовесно, не значи по автоматизам негово разрешување. Сепак ќе се проверува квалитетот како ги водел судските постапки и дали имало случаи кога пресудите на определен судија потоа биле укинати во повисоките судски инстанции. Ќе се проверува динамиката како се закажувале или одложувале рочишта и дали во некои предмети постојат елементи дека биле оставани намерно да застарат.

Откако СДСМ дојдоа на власт пред три години најавија целосен ветинг на судството. Идејата не се реализираше зашто не доби поддршка од ЕУ. Поради тоа ветувањето се преформулираше. Сега се зборува за прочистување или проветрување во судството, модел кој сè уште се утврдува.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button