Владата не го консултирала Народниот правобранител за Законот за правична застапеност

Владата на Северна Македонија не го вклучила ниту го консултираше Народниот правобранител во процесот на подготовка на Законот за правична и соодветна застапеност, и покрај тоа што Народниот правобранител е орган кој има законски овластувања да го следи спроведувањето на уставната обврска за застапување на заедниците во институциите, но и можните измени на законите поврзани со оваа проблематика.
„Во однос на подготовката на Законот за правична и соодветна застапеност, не сум информиран за обемот на тие активности, бидејќи Народниот правобранител не е дел од работната група за подготовка на овој закон. Една од законските надлежности врз основа на Законот за Народен правобранител е да ги следи законските измени и да дава иницијативи за законски измени“, рече Насер Зибери, народен правобранител.
Праксата покажува дека кога се предлагаат закони кои ја вклучуваат работата на Народниот правобранител, најчесто се консултираат и го вклучуваат правобранителот.
„Кога сметаат дека е соодветно и кога некое прашање се однесува на сферата на надлежност на Народниот правобранител, тие се консултираат. Односно, претставници на институцијата Народен правобранител учествуваат во подготовката на законските измени. На пример, нашите претставници постојано учествуваа во измените на Законот за извршување на казните, бидејќи Народниот правобранител ја следи состојбата во затворите“, додава Зибери.
Но, Зибери нагласува дека ќе дадат препорака по објавувањето на предлог-законот.
„Ние даваме писмени препораки до институциите кои ги подготвуваат овие закони и ги предлагаме на одобрување на Собранието. Ова ќе го правиме и кога ќе имаме формулиран текст објавен од Владата за правична и соодветна застапеност“, вели Зибери.
Веќе три месеци вработувањата во државните институции се одвиваат во услови кога не постои механизам кој би гарантирал правична застапеност на етникумите. Од Владата велат дека група експерти работи на законско решение, но засега нема ништо конкретно.
Суад Бајрами