Владата нема нова стратегија по ветото на Бугарија за започнување разговори со ЕУ

По бугарското вето, Владата без план Б за решавање на македонско-бугарскиот спор. Но, останува оптимист дека до декември ќе се постигне компромис и земјата ќе ги започне преговорите со ЕУ.
Министерот за надворешни работи Османи верува дека билатералните разлики можат да се ублажат преку меѓувладината комисија. Тој вели дека ги започнал подготовките, но дека се уште нема датум кога ќе се одржи овој состанок.
„Враќање на интензитетот на контакти, особено на оваа комисија за разгледување на сите овие теми за кои разговараме во билатерален контекст, за да се ублажат некои загрижености што ги имаат тие, или разликите што ги имаме, мислам дека оваа комисија е вистинскиот инструмент за да се дискутираат овие разлики и на крајот да се утврдат заедничките наоди“, рече министерот Османи.
Експертите од друга страна велат дека оптимизмот на Владата е лажен.
Бугарскиот премиер Борисов денес изрази жалење што Скопје не се обврзала на решавање на спорот, но според него, очекува ова прашање да се реши преку разговори не преку лобирање и притисок.
„Бевме исклучително добронамерни и внимателни во сите разговори што ги водевме со нив. Ние многу јасно ни објаснивме до каде можат да одат нашите компромиси“, рече Борисов.
За да се отвори патот кон ЕУ, Софија го условува Скопје со придржување кон јазичната формулација во согласност со Договорот од 2017 година, упатства со прецизни рокови за спроведување на договорот и јасен текст дека македонското малцинство во Бугарија не е признато.
Анеса Салиху