ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Владата подготвува нов акциски план за финансиски истраги и конфискација на имот

Владата во наредните денови ќе усвои нов акционен план за финансиски истраги и конфискација на имот. Истиот ќе треба да се спроведе до 2028 година, а во негова изработка се вклучени повеќе од 10 национални институции. Целото спроведување на акциониот план ќе го мониторира Совет за следење на стратегијата за јакнење на капацитетите за водење на финансиските истраги и контрола врз конфискацијата на имотот. Според државниот секретар во МВР токму конфискацијата на имотот е клучна во борбата со криминалот и корупцијата.

Advertisements

“Тој совет би требало да биде некоја капа од која сета работа на овие институции кои се задолжени за спроведување на финансиските истраги и за конфискација на имотот да може да биде некој конотрлинг систем во целата работа. Јас мислам дека само преку овој начин и преку успешна конфискација на нелегално стекнатиот имот ќе покажеме колку една држава е посветена во борбата со организираниот криминал и корупцијата“, рече Сашо Петрушевски, државен секретар во Министерството за внатрешни работи.

Конфискацијата на имотот во земјава во пракса започна да се спроведува минатиот месец, откако во феверуари годинава пратениците го изгласаа Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Од финансиската полиција велат дека ќе ја спроведуваат стратегијата и прават напори навреме да детектираат финансиски криминал.

„Во периодот што следи, ќе се насочиме кон ефикасно спроведување на Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот, веруваме дека ќе продолжат институционалните реформи во безбедносниот сектор и дека ќе се изврши усогласување на правната рамка на законот за замрзнување, конфискација и управување со криминално стекнатиот имот согласно со соодветната стратегија“, изјави Слободан Ивановски, Директор на Управата за финансиска полиција.

Најавата за формирање на овој план доаѓа во време кога Европската Комисија го објави извештајот за проширување, а во кој во делот за борбата против корупцијата пишува дека Северна Македонија и натаму треба да продолжи со реформи и да се посвети во борбата за конфискација. Акцентот се става и кај гонењето на високопрофилна корупција.

„Северна Македонија треба да продолжи да го спроведува спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот за основи, особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава несмалено, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво“, се наведува во Извештајот за проширување на ЕК.

Во извештајот за проширување, стои и дека за да напредува во својот евроинтегративен пат, Северна Македонија вниманието мора да го насочи токму во областа на владеењето на правото, правдата и борбата против корупцијата, подобрувањето на кривичното гонење и откривање на кривичните дела во ефективни оперативни постапки, како и соодветно спроведување на истите до органите за прогон.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button