ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата реагира за нелегалните градби во Струга

Откако Алсат неодамна објави дека на територијата на општина Струга во заштитениот дел на езерото има 65 дивоградби, од Владата велат дека градоначалникот Рамиз Мерко има законска обврска да постапува кон нив и да ги отстрани. Освен тоа, Струга сè уште немала доставено ниту инвентар на дивоградби каков што локалната власт во Охрид доставила пред две години.

„Неприфатлива е толеранцијата, па дури и охрабрувањето на извршителите на нелегалните градби во заштитеното подрачје кои нанесуваат сериозни штети на буџетот, го упропастуваат нашето природно и духовно наследство кое е дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО. Тоа кај луѓето создава чувство на неправда и огорченост“, рекоа од Владата.

Од Владата велат дека стручната комисијата којашто работела на препораките на УНЕСКО очекува Струга да постапува по нив. Но, дел од граѓанските активисти сметаат дека во целиот проблем треба да се вмеша централната власт.

„Овој проблем е многу стар. И многу е јасно дека постојат дивоградби во заштитениот крајбрежен појас. Можно е и да се повеќе од 65. Мое мислење е дека овој проблем може да се реши само доколку и централната власт одлучи да го среди овој проблем и да се донесат соодветни законски измени со цел да се преземат соодветни мерки“, рече Глигорие Ќатоски-граѓански активист.

Од Владата додаваат дека согласно Законот за градење, обврската за уривање на нелегалните градби е во рацете на општините. Oд локалната власт во Струга не одговорија на прашањата на Алсат, како ќе го решат статусот со плажите со кои се стопанисува со истечени концесии, што ќе се случува со објектите и платформите и дали ќе се пристапи кон отстранување на сè она што е изградено во езерската вода, каква што акција актуелно се спроведува во Охрид.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button