ВЕСТИЕКОНОМИЈА

ВМРО бара субвенции за фасади, СДСМ обвинува за лицемерие на опозицијата

Амандманската расправа по предлог буџетот за 2022 година пратениците од власта и опозицијата ја искористија за меѓусебни обвинувања за тоа кои како работел за граѓаните. За власта, поднесените амандмани се начин опозицијата да интервенира во буџетот да се доделат повеќе пари на општините со цел да реализираат проекти ветени во предизборната кампања, како поставување на енергетски фасади на зградите во општините.

„Лицемерието на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е буквално пуштено на најјако, исправени пред предизвикот да водат 43 општини и знаејќи со што се случува во општините и тоа што не можат одредени ветувања во предизборието да ги исполнат, се случува ова…“, рече Дарко Каевски- пратеник на СДСМ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја префрлија топката кон власта, велејќи дека поднеле ваков амандман зошто во изминатите години ништо не било направено.

„Не сакате да работите, затоа не го реализиравте ова предизборно ветување и затоа денес, а и пред некое време граѓаните ве казнија на изборите и сега во државата, колега, за ваша информација, во 43 општини се работи…“, рече Бети Стаменковска Трајкоска- Пратеничка на ВМРО- ДПМНЕ.

Од вкупно 200 амандмани, досега во комисијата се расправаше за околу 20 од кои сите беа одбиени. Опозицијата досега најмногу бараше интервенција во поглед на енергетската ефикасност, поголеми субвенции за вградување на плински уреди во автомобилите и субвенции за поставување на фото-напонски панели за домаќинствата за производство на струја. Амандманската расправа се очекува да трае до задутре, а потоа предлог-буџетот ќе се врати во Владата на евентуално дополнување.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button