ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ нема да го блокира изборот на амбасадор во Вашингтон

Штом пристигне барањето за сослушување на предлогот за амбасадор во Вашингтон, пратеникот Антонијо Милошоски ќе ја свика собраниската Комисија за надворешна политика, каде идните амбасадори треба да ја презентираат програмата за работа. Милошоски за Алсат вели дека во моментов чекаат за сослушување два предлога – за амбасадор во Братислава, како и за Отава, каде се испраќа Агрон Буџаку. Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, во случајов, нема да се активира блокадата на опозициската партија во Собранието.

Advertisements

„Државен приоритет е да се назначи амбасадор во Вашингтон, па потоа ќе следуваат останатите. Во САД, Република Македонија нема амбасадор скоро четири години“, рече Милошоски.

Според неофицијални информации, актуелниот државен секретар во МНР, Зоран Попов е прифатлив предлог и за Вашингтон, иако засега нема потврда. Тој учествуваше и на средбите од Стратешкиот дијалог кој Македонија на почетокот на месецов го започна со САД. Претходно, за местото во САД извисија Љубомир Фрчкоски и Теута Арифи, кои не добија позитивен повратен одговор, по што македонската дипломатија беше жестоко критикувана.

Во меѓувреме, агремани од земјите-домаќини веќе добија предлозите за Виена во Мисијата на ОБСЕ, Осло и Софија, каде испразнетите позиции ќе ги пополнат Едмонд Адеми, Дритон Кучи и Агнеза Руси. Се очекува наскоро и тие да дојдат на ред за сослушување во Собранието, но од МНР нема одговор на прашањето кога тоа ќе го побараат.

Министерот Бујар Османи веќе подолг период најавува дека наскоро ќе се пополни дипломатската мрежа на земјава.

„Пекинг, Бразилија, Белград, Тел Авив, Каиро и Генералниот конзулат во Торонто се празните позиции за пополнување на дипломатската мрежа“, наведуваат од МНР.

Претставувањето на платформите пред матичната собраниска комисија е последна фаза пред заминувањето на амбасадорите на нивната дипломатска функција.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button