ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-закон за целосна амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе Предлог-закон за целосна амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година. Како што посочи координаторот на пратеничката група на опозициската партија на прес-конференција во Собранието, овој закон е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митрески и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

„Многу важно е да се напомене дека овој предлог е само продолжение на претходниот закон за амнестија којшто е донесен во декември 2018 година, но со една голема и суштинска исправка, а тоа е надминување на селективноста и селективната правда која што произлегуваше од законот донесен во 2018 година“, истакна Мицевски.

Со овој закон, потенцираше тој, ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27 април без исклучок.

Пратениците од опозициската партија ги повикаа своите колеги од владејачкото мнозинство да го поддржат законот. Доколку не го сторат тоа, ќе покажат и докажат дека, како што рече Мицевски, „за нив селективноста е на прво место, а владеењето на правото и правдата ги нема никаде“.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ исто така истакна дека дале поддршка на адвокатите двата процеси да одат паралелно односно да се чека одлуката од Врховниот суд по барањето за вонредно преиспитување на пресудата и носење на закон за амнестија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button