
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, повика на нова рунда дијалог меѓу Косово и Србија на ниво на главните преговарачи.
Според соопштението од седиштето на Унијата, фокус на разговорите ќе биде имплементацијата на договорот за патот кон нормализација на односите што Приштина и Белград го постигнаа во Брисел на 27 февруари, како и чекорите кон деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
Според најавата, домаќинот на средбата Мирослав Лајчак најпрвин ќе се сретне со главниот преговарач од Србија Петар Петковиќ, а потоа и со косовскиот шеф на преговарачкиот тим Бесник Бислими.
Планирано е по одвоените средби да има заедничка средба, таканаречена трилатерална, на која учествуваат ЕУ, Србија и Косово.
Ова ќе биде прва средба по тензиите на северот на Косово и во светло на договорот што Косово го постигна со Унијата на 10 јули, за чекори кои би доведоа до деескалација.