ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во ЕУ започна дебата за олеснување на процесот на проширување

Во ЕУ започна дебата за олеснување на процесот на проширување

Европската Унија изминатава недела започна да работи на реформски идеи со цел да се олесни процесот на проширување. Во образложението на Комисијата се наведува дека „Унијата мора да се продлабочува додека се шири и да се искористи проширувањето како катализатор за напредок“. Едно од најважните прашања е начинот на носење одлуки, дали Унијата ќе продолжи да одлучува едногласно или пак со квалификувано мнозинство. Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, ова прашање може значително да влијае на преговарачкиот процес за земјава.

„Тоа што не тангира нас, секако, е начинот на носење на одлуки. Сегашното едногласно носење на одлуки доведува до ситуација секоја земја-членка да може да блокира во било која фаза било каква одлука. Нас тоа секако ни се одразува од аспект на преговарачкиот процес што ни претстои и поради кој е толку голема отпорноста во нашето општество знаејќи дека недобронамерни земји или пак нивни прокси играчи, членки на ЕУ, може да не блокираат за било што“, рече Марко Трошановски – Институт за демократија.

Трошановски потсетува дека сепак земјите-членки на Унијата ќе мора едногласно да одлучат дали во иднина ќе се користи принципот на квалификувано мнозинство. Тој додава дека во оваа насока е важен исходот и од претстојните избори во Унијата, особено доколку поголема поддршка добијат десничарските партии, кои се резервирани за проширувањето. Според Трошановски, во оваа фаза е рано за ваквите промени да се остварат, но не исклучува тие да се случат до зададениот рок за проширување на Унијата – 2030 година.

„Треба многу да се одработи од аспект на лобирање, уцени, преговарање, усогласување интереси и слично, така што далеку сме дека нешто од ова ќе се ефектуира брзо. Важно е дека почна процесот, дека е гласен и онаа група на пријатели на промените на основачките документи се повеќе расте, а ги вклучува најстарите и највлијателни членки на Унијата“, додаде Марко Трошановски – Институт за демократија.

Во неодамнешниот т.н. реформски документ на Комисијата, се наведува дека во проширена Унија би било уште потешко да се постигне едногласност и така би бил зголемен ризикот одредени одлуки да бидат блокирани барем од една земја-членка.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button