Во гостиварско Дебрештe ниту канализација, ниту асфалтиран пат

Иако беше ветено дека во текот на летово ќе се реализира проектот за канализација и асфалтирање на патот во селото Дебреште во Општина Гостивар, сепак летото веќе изминува, а патот и понатаму е во иста состојба, со дупки, без асфалт и со многу нечистотии како кал кога врне и прашина во топлите денови.
Жителите се жалат дека покрај тоа што си ги уништуваат автомобилите, имаат проблем и со нечистотија, а децата не можат да излегуваат поради прашината и калта.
„Овој пат стана ваков осум или повеќе месеци. Кога почнаа наводно да ја прават канализацијата, ја оставија на половина и ја направија оваа катастрофа, иако веќе беше оштетено, но сега е катастрофа. Се удавивме од менување автомобилски гуми. 75 евра е една гума. Од крстосницата до овде е катастрофа еден месец, два пати сменив гуми. Од општината не велат дека не го прават, велат ќе го направат следната недела и ништо…“
„Од утро до вечер на овој пат имаме проблеми, нè уништија со овој пат. Прашај го соседот како сме, катастрофа е. Рекоа дека ќе направат канализација, па патот, но патот никаде го нема, само го изораа и го оставија така“, реагираат жителите.
Алсат праша во јавното општинско претпријатие Гостивар зошто патот не е досега асфалтиран, но одговор не добивме. Побараа да им доставиме прашања на писмено и оти во текот на денот ќе ни одговорат. Но, не добивме ниту таков одговор. Инаку, канализацијата од околу еден километар почна да се прави уште среде кампањата на последните општински избори. Оттогаш состојбата остана ваква, а на места има и јами длабоки до еден метар.
Башким Сулејмани