Во Македонија ќе пристигнат 780 граѓани од Авганистан

Во Македонија треба да пристигнат 780 граѓани на Авганистан. Нов список во Владата стигнал од меѓународните организации, што може и да се дополни.
„Владата презема обврска да обезбеди сместување, да ги згрижи на некој начин, да помогне полесно да го поминат овој период додека се тука, од 90 дена. Во однос на хотелите тоа е обрска на меѓународните организации коишто и практично ги покриваат и трошоците. Најголем дел ќе бидат сместени на периферијата од Скопје“, изјави Душко Арсовски, портпарол на Влада.
Според информации на Алсат, станува збор за хотелите Белви, Њу Стар, како и Бест вестерн. А граѓани на Авганистан ќе се бидат сместени и во хотели во Гевгелија и Охрид. Иако прашавме во Владата дали се понудени и државните хотелски капацитетите на ЕЛЕМ ТУРС, сепак не добивме одговор дали дел од граѓаните на Авганистан ќе бидат сместени и на некои од овие локации. По нивното пристигнување, ќе им биде дадена поддршка од Црвениот Крст, ќе се обезбеди здравствена заштита и психосоцијална поддршка. По преземањето на контролата од страна на Талибанците, многумина авганистанци ги напуштија своите живеалишта поради страв за својата безбедност. Во Македонија ќе се евакуираат вработени со семејствата во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија. Граѓаните на Авганистан ќе бидат во Македонија сè до заминување во САД или друга држава во која ќе одлучат и ќе можат да живеат.
Игор Стефановски