ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Охрид спасувачи само на две од 40 плажи

На стартот на летната сезона, само на две плажи од повеќе од четириесет на охридската ривиера има спасители на вода. Спасувачите велат дека во текот на едно лето, има по околу 30 интервенции за спасување на давеници и повеќе од 2000 интервенции за давање на прва помош.

„Јас сум имал две три интервенции досега. Една од нив е кога едно лице на плажата Градиште на возраст од 23 години, изгубил самодоверба и несигурност во себе, можеби од премореност, можеби и од дејство на алкохол и започна да се дави. Се впуштивме во акција, го извлековме и замислете моравме 500 метри да го носиме на раце, за да пристигне амбулантното возило и го прифати давеникот“, рече Мартин Лечоски, спасувач.

Од црвениот крст велат дека за безбедност на плажите не е доволно да има само спасувачи, туку тие треба да бидат соодветно оградени и одбележани и да има реквизити за укажување на прва помош. На оние плажи кои нема да бидат безбедни, ќе мора да бидат поставени соодветни табли, дека луѓето иста ќе ја користат на сопствена одговорност.

„Она што е многу важно во овој момент, а што ќе го разговараме и со локалната самоуправа, тоа е најатрактивните плажи, каде што се демонтираа платформите, тие плажи се од старт небезбедни сега, затоа што тие набиени метални шипки, кои не знаеме како се отстранети, дали се отстранети потполно. Потребна е една целосна и детална инспекција на сите тие капалишта, каде се отстранија платформите, за да може таа плажа да се пушти за користење“, рече Сашо Точков-Црвен крст Охрид.

Од општината неодамна најавија дека откако нелегалните објекти ќе бидат отстраните, плажите ќе бидат соодветно уредени. Во Струга досега само две плажи пројавиле интерес за спасители. Се очекува тој број да се зголеми после 1 јули.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button