
Осум случаи на корона вирус се регистрирани меѓу животни на фарма за визони во Полска, пренесува агенцијата Ројтерс. Како што се наведува во текстот, на фармата имало заболени работници и членови на нивните семејства, но претходно немало случаи на заболени животни.
Тестирањето коешто започна минатата недела го води инстутутот во Гдањск, а беше испровоцирано откако на фарма за визони во Данска беа регистрирани неколку случаи на позитивни животни.
Засега нема докази дека работниците би можело да бидат заразени од заболено животно.
Како што пренесува Ројтерс, главниот ветеринарен доктор на фармата не бил достапен за коментар по обелоденувањето на резултатите од страна на Институтот во Гдањск.
Инаку, како што пренесе Ројтерс, минатата недела данските власти соопштијиа дека разгледуваат план за елиминација на 17 милиони визони со образложение дека во случај вирусот да мутира би можело да се пренесе од животните на луѓето.
Визоните (Mustella lutreola) се мали цицачи, месојади, кои се одгледуваат во фарми поради скапоценоста на нивното крзно.