Во прекин железничкиот сообраќај на релација Скопје-Битола

Пожарите кои зафатија повеќе локации во битолско-прилепскиот регион предизвикаа оштетување на дел од пругата на релација Скопје-Битола-Скопје поради што железничкиот сообраќај на оваа делница е во прекин.
Од „Железници на Република Северна Македонија – инфраструктура“ велат дека уништени се околу 1 000 прага на повеќе локации и оти интензивно се работи на отстранување на дефектот и оспособување на сообраќајот.
„Поради овие причини, сообраќајот на релацијата Скопје-Битола-Скопје ќе биде во прекин од денеска, па сè до оспособување на пругата за одвивање на безбеден сообраќај“, се наведува во денешното соопштение.
Од Центарот за управување со кризи утринава информираа дека пожарите се изгаснати. На пожарот во Општина Долнени, селата Слепче и Гостиржани, поделен во два крака кои се движеа кон густа и уредена шума на велешка територија од едната страна и селото Црнилиште, Прилепско, на другата страна интервенирале два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.