Во Собранието се сееше хаос, па сега се жнејат „заушки“ од Брисел

Политичката поларизација меѓу власта и опозицијата штети во работата на Собранието, оцени Европската Комисија во извештајот за напредокот на државата. Според оваа европска институција, скратените процедури за донесување закони оневозможиле дебата и инклузивност во процесот. Ова се само дел од забелешките.
Извештај на Европската Комисија:
• Работата на Собранието беше оштетена од политичка поларизација, која го одложи носењето на многу законски одредби.
• Потребно се планирање и консултации за да се ограничи употребата на брзи процедури со цел да се овозможи ефективно разгледување и консултации за законите.
• Пратеничките прашања до министрите треба да се поставуваат поредовно.
• Предлозите за внатрешни реформи во Парламентот кои беа договорени за време на третиот круг од дијалогот „Жан Моне“ на почетокот на 2020 година, треба да се спроведат без натамошно одлагање.
Според ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста за овие забелешки на ЕУ е кај власта.
Министерот Бујар Османи вели дека мора да се најде консензус меѓу власта и опозицијата за законите поврзани со евроинтеграциите.
„За жал, Европската комисија заклучи дека Собранието не е на висина на задачата токму поради поларизацијата и обидот да се блокира Собранието. Повторно нема да навлегувам во дневните актуелности, но што се однесува до законите кои се поврзани со ЕУ, мора да седнеме и да постигнеме договор кој ќе ги надмине границите од еден мандат“, вели Османи.
Ова не е првпат Собранието да биде критикувано за слични причини. Злоупотребата на скратените постапки, каде не се дава потребниот простор за дебата во Собранието е меѓу критиките кои се повторуваат од година во година. Ова прашање, заедно со одолговлекувањето на процедурите преку таканаречениот процес на „филибастеринг“ и други дејствија што ѝ штетат на работата на Собранието, требаше да се решат со процесот „Жан Моне“, но тој практично може да се смета за неуспешен.
Фатлуме Дервиши