ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во собраниската комисија изгласан предлогот за уставни измени

Со десет гласови „за“ и седум „против“ собраниската Комисија за уставни прашања го усвои Предлогот на Владата за менување на Уставот. Расправата во Комисијата траеше само два часа, од можните десет работни дена. Предлогот пред пратениците го образложи премиерот Димитар Ковачевски според кого треба да се донесе консензуална државничка одлука. Тој додаде дека треба да се искористи шансата кога Европската Унија има интерес за забрзано пристапување на земјите од регионот.

Advertisements

„Ние решивме да не калкулираме со рејтинзи пред претстојните избори следната година, користејќи ги чувствителните идентитетски теми за партиски интерес. Одлучивме да не мисли секој за себе, туку да мислиме за доброто на сите – и затоа пред себе ја поставивме големата европска цел. Сега е редот на вас пратениците. Во следните недели кога е првото гласање јасно ќе стане кој мисли за себе, а кој мисли и за своите деца и за граѓаните што ги претставува“, рече Ковачевски.

Опозиционерите повторија дека уставните измени се невозможни и се откажаа од расправа. Тие велат дека со прифаќањето на штетни договори се руши суверенитетот на државата, а Владата не успеала да обезбеди гаранција за нови вета во иднина на патот кон ЕУ.

„Уставни измени под бугарски диктат нема да има. Оваа ваша расправа е осудена на пропаст. Ниту имате пратеници, ниту имате народ позади себе за оваа работа. Затоа, после ова мое излагање ние немаме што повеќе да ви кажеме на темава. Нема да има други наши дискусии и дискутанти и ајде во скратени рокови пуштете го предлогот“, рече Никола Мицевски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова ќе биде нашето единствено излагање по предлогот, затоа што сметаме дека материјална расправа е безвредна, бидејќи Вие премиере направивте сметка без крчмар. Влеговте во процесот вртоглаво без да обезбедите двотретинско мнозинство“, рече Димитар Апасиев – пратеник на Левица.

Предлогот на Владата го бранеа пратениците од владејачкото мнозинство. Меѓу нив беше и пратеничката на ДУИ, Арта Биљали Зендели според која, ако пратениците не дадат поддршка за измена на Уставот, тоа би било фатално за државата. Таа апелира да не се изолира земјата и да се препушти на туѓи центри на моќ.

Инаку, спикерот Талат Џафери на 18 август ја закажи пленарната седница кога би се гласала потребата за отворање на Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство. Во меѓувреме, откако денеска предлогот за промена на Уставот помина во Комисијата, Владата како предлагач, сега има 15 дена да ги испрати нацрт-амандманите до Собранието.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button