ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Софија нова влада, ама со стара песна кон Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи најавува дипломатска активност со Софија следната недела за деблокирање на преговорите меѓу земјава и ЕУ. Османи вели дека иако не може да го предвиди епилогот од средбите, смета дека бугарската техничка влада, самитот на ЕУ во јуни и португалското претседателство со Унијата се единствени можности кои треба да се искористат.

Advertisements

„Сè уште верувам дека постои можност да влеземе во суштински преговори и со техничката влада во Бугарија со оглед дека во март минатата година Бугарија даде зелено светло за почеток на преговорите. Затоа нема дилема околу одлуката за почеток на преговори. Прашањето за текстот на рамката за преговори останува предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција. Сакам да објавам дека следната недела очекувам да има поголема дипломатска активност, за на крајот да се дојде до решение.“

Од друга страна, главниот бугарски технички дипломат Светлан Стоев, веќе најавува дека позицијата на Софија останува непроменета.

„Рамковната позиција на Бугарија кон Северна Македонија е донесена со консензус на сите политички партии во Парламентот. Немаме никакво овластување да ја смениме таа позиција. Но, можам да ве уверам дека ќе работиме на продолжување на дијалогот. Отсега натаму, сè е во рацете на претставниците на Северна Македонија. Тие јасно ја знаат позицијата на Бугарија и не треба да шпекулираат дека ќе има каква било промена во следните 2-3 месеци додека трае оваа привремена влада.“

Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, додека го предаваше мандатот, му порача на Стоев да не прави компромиси со бугарскиот суверенитет.

„Бугарија повеќе од која било друга земја на ЕУ сака Северна Македонија да се реформира и да започне преговори. Но, тоа не може да се случи на штета на бугарскиот национален интерес бидејќи целта на членството е Унијата да стане посилна, а не послаба.“

Но, премиерот Заев е оптимист оти спорот ќе може да се реши со новата техничка влада во Софија.

Анеса Салиху

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button