
Од 10 до 12 часот секој работен ден вратите на Управата за јавни приходи ќе бидат затворени за граѓаните. Вработените од денеска почнаа со протест на работните места без извршување на работните задачи. Сè додека не им се исплати законското покачување на платите од 30 проценти ќе протестираат, а не се исклучува и можноста да стапат во генерален штрајк на работните места. Тоа би довело до колапс на државата, велат од синдикатот. Според нив, со измена на Законот на буџети ова зголемување законски им следува на сите вработени особено на институциите што се под капа на Министерството за финансии бидејќи таму вработените веќе добија зголемување со одлука на министерот Бесими.
„Протестите вработените во управата поради своето огромно незадоволство инсистираат да се одржуваат секојдневно во посоченото време со што објективно ќе го изразат својот револт од неостварување на правото основано на закон и во исто време да имаат респект за граѓаните и даночните обврзници за нивните права. Нашето инсистирање за зголемување на платите е врз основа на законско решение кое е моментално во сила и во примена“, изјави Васе Неданоски- Претседател на синдикална организација „Солидарност“.
Од утре со протести од по 30 минути започнуваат и вработените во Царинската управа. Дополнително ќе одлучат дали ќе ги блокираат и граничните премини. Според најавите на синдикатот на Управата УПОЗ, не се исклучува можноста и други јавни институции да започнат со исти протести.
Целиот револт во јавниот сектор започна откако министерот за финансии Фатмир Бесими им ги зголеми платите за 30% само на вработените во неговото министерство. Другите институции кои се под негова капа, како Царината и УЈП, не добија ништо. Бесими засега останува на ставот дека за овие институции ќе нема повисоки плати, туку ќе мораат да чекаат да се донесе новата методологија за пресметка која би важела за целиот јавен сектор.
Андреа Чобанова