Водата во Струга и понатаму матна! Забрането е и капење со неа

Низ водоводот во Струга и денеска тече матна вода. Од Центарот за јавно здравје за Алсат велат дека наместо дозволената матност од 1,5, оваа вредност во Струга на одредени места достигнува речиси 12. Граѓаните се снаоѓаат со флаширана вода, а угостителите се жалат дека заматената вода дополнително им нанесува финансиски штети кои и онака им се големи поради превентивните мерки за заштита од корона вирусот.
„Навистина не знаеме како да функционираме бидејќи кога водата не е безбедна, не знам дали е безбедно и кафе да се дава… Ако сме ние нормална држава, некој ќе одговара кривично“, рече Илкер Гаваз-угостител од Струга.
„…Матна е и жолта е. Тоа е сериозен проблем кој нас ни го отежнува работењето. Не може решението од година во година да се одлага….“, изјави Боро Симјаноски-угостител од Струга.
Водата во Струга не смее да се користи ниту за пиење, ниту за одржување на лична хигиена. Дополнително, резултатите од микробиолошките анализи ќе бидат објавени во четврток. Од јавното претпријатие Водовод и канализација како причина за постојаниот проблем со заматувањето ги посочуваат неколкуте проточни хидроцентрали кај Горна Белица.
„Испративме допис до компанијата која менаџира со тие електрани и очекувам одговор од нивна страна одма да се интервенира во тој поглед, да се реши овој проблем. Ако не, ние ќе преземеме други мерки, ќе го раскинеме договорот и ќе ги отстраниме централите“, рече Дашмир Насуфи-директор на Водовод и канализација Струга.
Според тврдењата на некои експерти, водоводниот систем се заматува затоа што во него се влева и вода од дополнителни каптажи кои биле изградени за потребите на централите.
Мики Трајковски