ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Волонтери од Македонија, заминаа за Турција

Поради силните земјотреси кои ја погодија Турција, многу пожарникари и спасувачки екипи итно се мобилизираа за да и помогнат да се справи со последиците од оваа природна катастрофа.

„Денеска ја испраќаме екипа на пожарникари, спасувачи од Тетово, на помош на турскиот народ“, рече Билал Касами – градоначалник на општина Тетово.

Најдоцна утревечер во подрачјата погодени од земјотресите се очекува да пристигнат 9 возила и 38 лица од Тетово, Гостивар, Струмица, Скопје, Битола и други општини во земјава. Во екипите на Струмица и Тетово има пожарникари кои поминале специјализирана обука за спасување во Газиантеп.

„Во моментов сме на излезот од Грција. Ние сме 9 коли и 38 луѓе. Четворица сме пожарникари волонтери од Чаир, а 34 од Дирекцијата за заштита и спасување. Меѓу тие 34 лица има и волонтери. Имаме професионалци од Тетово, Гостивар, од Струмица, исто така и од Скопје. Ние сме пожарникари кои учествувавме во Албанија пред три или три и пол години кога се случи катастрофалниот земјотрес. Таму се очекува да пристигнеме утре попладне или најдоцна утревечер“, рече Артан Демири – Волонтерско здружение на пожарникари „Бајрам Мифтари“.

Општина Тетово ќе и помогне на турската држава со 1 милион денари, Градот Скопје со 6 милиони денари. И централната влада одобри низа одлуки за испраќање 24 припадници на армијата во Турција.

„Одлуката вклучува и друга опрема како 10.000 ќебиња, 200 медицински носилки и други здравствени помагала. Дирекцијата за заштита и спасување во погодените подрачја испрати 40 припадници на силите за заштита и спасување, со специјализирана опрема и материјално-технички средства за пребарување и спасување од урнатините, шест возила за транспорт на опрема и луѓе и две противпожарни возила. Врз основа на владината одлука, Министерството за финансии издвои 6 милиони денари од буџетот. Министерството за здравство во рамките на своите надлежности е должно итно да ја подготви и да ја достави до Владата одлуката за давање помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови“, наведоа од Владата.

Од Црвениот крст најавија и активирање на телефонскиот број 143 400 на кој граѓаните можат да помогнат со 100 денари со испраќање СМС, а донации може да се даваат и на две жиросметки.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button