Возачите на ЈСП нема да возат ако не добијат плата за септември

Автобусите на Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ од утре може да престанат да сообраќаат доколку на возачите, сервисерите и одржувачите не им биде исплатена септемвриската плата до 14 часот денеска.
За ова денеска на предупредувачки протест информираа вработените и синдикатите при ЈСП „Скопје“ кои истакнаа дека на 7 октомври ја известиле градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, дека доколку на 15 октомври не им биде исплатена платата ќе следува прекин на работата.
Во меѓувреме, од раководството на ЈСП преку соопштение информираа дека нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз, а дека на вработените ќе им биде исплатена платата за септември во наредните денови.
Оттаму побараа централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски што ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници – средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП.
„Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието“, посочуваат од ЈСП.