ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Врховен: Одбиена е жалбата на таткото на Вања да биде ослободен од притвор

Обвинителството бара да не биде укинат притворот за таткото на убиеното девојче Вања Ѓорчевска, зашто постои сериозно сомневање за негово учество во грабнувањето. Ова го кажа обвинителката Наталија Тасевска пред врховните судии кои одлучуваа по жалбата на Александар Ѓорчевски, кој бара притворот да му биде укинат или заменет со поблаги мерки.

„Поделен сум на два света, едното дете е тука, а другото ми го одземаа. Не ми е гајле каде ќе ја дочекам разрешницата. Само да ја дочекам разрешницата, за да имам одлука за себе дали ќе продолжам на овој свет или кај другото дете“, вели Ѓорчевски.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ истакна дека притворот е неоснован, неаргументиран, а државните органи не можат да спроведат вистинска истрага.

Туфегџиќ тврдеше дека, во затворот, на Ѓорчевски му се вршел притисок за да го призне делото и дека таткото на Вања воопшто не се познавал со останатите осомничени во случајот.

„Никого не знае. Тоа ќе го прашате јавниот обвинител од каде му се него тие сознанија дека тој некого познавал“, вели Туфегџиќ.

Од Обвинителството рекоа дека во моментов се вештачат телефонските разговори. Обвинителите настојуваат тој да остане во притвор поради висока опасност од бегство и можно влијание врз сведоците.

Во меѓувреме, се уште тапка во место екстрадицијата од Турција, на главноосомничениот во делото, Љупчо Палевски Палчо, иако министерот за правда Кренар Лога уште на почетокот на февруари најави дека ќе се случела за неколку дена.

Вчера на Стефан Димовски, кој го возел Палчо од Белград до Турција, му беше укинат притворот. Од Обвинителството појаснија дека за делото за кое се товари повеќе не може да биде баран притвор зад решетки. За двојното убиство на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски кон крајот на ноември минатата година, во Истражниот затвор остануваат осомничените Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button