ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Врховен одлучи – Нема повторување на случајот „Диво насеље“

Одлуката на Врховниот суд да не се повтори судењето за случајот во Куманово, одбраната ја смета за флагрантно прекршување на законот, бидејќи не се земени предвид доказите на одбраната. Насер Рауфи оценува дека со оваа одлука се отворила можноста предметите да бидат испратени до судот во Стразбур.

“…. сега имаме време и временски интервал од три месеци да поднесеме барање до Судот во Стразбур за човекови права, и оваа работа ќе ја направиме. Ние како одбрана мислам дека тимски ќе одиме со апликација за сите осуденици, рече адвокатот Рауфи.

На ваквата одлука реагираа и од Алијанса за Албанците, кои велат дека овој процес завршил без да сведочат Али Ахмети и Артан Груби, а притоа го обвинија Заев дека не објавил докази за овој случај.

„Кога Зоран Заев мамеше, тогаш кога го искористи случајот за власт или денес кога ги осудува седми пат по ред!? Обвинителството мора да постапи и во двата случаи, но како што знаеме е заробено и постапува само по диктат на Али Ахмети и Зоран Заев“, рекоа од АА.

Адвокатот Рауфи, пак, вели дека со оваа одлука може да се формира тим за правна помош од меѓународната заедница.

“Мислам дека согласно законот за кривична постапка, мислам дека може да се направи да се формираат тимови од обвинителството на Северна Македонија и земјите инволвирани во овој случај, Република Косово, Албанија и Германија каде што има државјани на овие држави“, додава адвокатот Рауфи.

Косовската претседателка Вјоса Османи на крајот на минатата година зборуваше за можна меѓународна истрага за овој случај, по средбата со нејзиниот колега Стево Пендаровски во Приштина.

„Видовме дека и самиот премиер Зоран Заев изрази подготвеност дека може да има меѓународна истрага или вмешаност на експерти од странство кои ќе се соочат со доказите поврзани со овој случај и ќе помогнат да се расветли случајот до крај. Во овој поглед, Република Косово ќе ја обезбеди сета потребна поддршка“, велеше Османи.

Основниот суд Скопје на 02.11.2017 ги осуди членовите на кумановската група обвинети за тероризам на вкупно 746 години затвор за настаните од 9 и 10 мај 2015 година во Куманово. Вкупно 37 лица се обвинети за тероризам, од кои 7 се осудени на доживотен затвор.
Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button