Второосомничениот за убиството кај ТЦ Мавровка е бегалец од зарворот во Шутка

Второосомничениот за вмешаност во убиството на 59-годишниот Васил Ефтимов, во вторникот на паркингот кај Трговскиот центар Мавровка, и се предаде на полицијата. Обвинителството потврдува дека осомничениот е бегалец, кој во моментот на убиството требало да биде во затвор.
„Следува вештачење на материјалните докази со кои се утврдува основот на сомнение за вмешаност на ова лице во настанот. Имајќи предвид дека уапсениот е лице осудено за друго кривично дело и е во бегство од затворот Скопје, по распишана потерница, денеска со максимални мерки на безбедност е вратен во затворот”, велат од ОЈО.
За убиството на 59-годишниот, како првоосомничен е уапсен 39-годишниот Е.К. од Скопје, кому од страна на претходен судија му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Тој ќе одговара за три кривични дела и тоа убиство, обид за убиство и поседување оружје без дозвола. Едно лице претходно беше уапсено, но во отсуство на докази беше пуштено на слобода. За откривање на сторителите на убиството на 59-годишникот, полицијата ангажираше специјални полициски сили, хеликоптери и дронови, а беа извршени рации на повеќе локации. Мотивот за убиството останува нејасен.
Суад Бајрами