ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За договорот за Цар Самоил, Владата порачува: „Прашајте во МНР“

Скоро три години властите во Скопје и Софија не го откриваат текстот за заедничко чествување на Цар Самоил. Текстот бил усогласен од македонските и бугарските историчари уште во 2019-тата година, а по само неколку дена препораката на Мешовитата комисија беше усвоена и на владина седница. Покрај за Цар Самоил, на истата седница министрите ги прифатија и текстовите што ги изготвија историчарите за заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум.

Advertisements

Бугарскиот историчар Кирил Топалов, кој е и член во Комисијата, тогаш за бугарските медиуми изјави дека е договорена формулацијата дека Цар Самоил е наследник на бугарската царска традиција, основач на Бугарската држава, со престолнина во денешна Република Северна Македонија – Охрид.

Сепак, по ваквата изјава не пристигна никаква реакција од надлежните институции кај нас и за јавноста сè уште е непознато каква дефиниција била договорена. Според тогашното соопштение од Владата во Скопје, „двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања“.

Од Владата денеска не добивме одговор кога пред јавноста ќе биде споделена усогласената формулација ниту пак дали се усогласени датумите за заедничко одбележување на петте историски фигури. Од Илинденска не упатија одговори да побараме во Министерството за надворешни работи, а оттаму пак на прашањата на Алсат засега нема одговор.

Од опозицијата обвинија дека власта ги води преговорите на нетранспарентен начин.

„…После ваквото нетранспарентно водење на преговорите, дали се поставува основано сомнение дека власта преговара за нешто што нема согласност од македонската јавност?“, рече Марија Митева – портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку и покрај тоа што е постигнат текст за заедничко чествување на Цар Самоил, историчарите на последната средба во Скопје не успеаја да се договорот за тоа како оваа историска личност да се изучува во учебниците во двете земји. Бугарските историчари инсистирале текстот за одбележувањето да се однесува и за учебниците, на што македонските историчари се спротивставиле. Нивната наредна средба е на почетокот на мај во Софија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button