ВЕСТИЗДРАВСТВО

За КОВИД-скринингот брис ќе дадат над 8.000 ученици

Во околу 500 основни и средни училишта во земјава заврши процесот на составување списоци со ученици кои ќе учествуваат во скрининг процесот за откривање на случаи со Ковид 19. Родителите кои се согласиле нивните деца да бидат дел од скринингот потпишаа изјава за согласност, додека оние што одбиле – ќе бидат заменети со други. Во некои од училиштата со кои контактираше АЛСАТ ни рекоа дека повеќето родители прифатиле нивните деца да бидат дел од тестирањето.

„Досега од 20 класови што беа интервјуирани, 16 или повеќето се согласија да бидат дел од скрининг-процесот. Од секој клас по еден или двајца ученици максимум. И од втората смена класните се известени и чекаме до почетокот на втората смена да добиеме позитивен одговор за скринингот. До 16 часот треба да го испратиме точниот број со имиња на ученици кои прифатиле“, рече Висар Дурак, директор на гимназијата „Цветан Димов“.

Изборот на ученици го изврши Министерството за образование преку електронскиот дневник. Скрининг-процесот започнува следната недела.

„Министерството за здравство ќе спроведе скрининг со брзи тестови. Тестирањето ќе го вршат здравствени работници кои ќе ги тестираат учениците во просториите на училиштето, специјално наменети за овој процес. Тестот трае помалку од една минута, безбеден е и безболен, како и секое друго земање мостри од грлото и носот“, наведуваат од Министерството за здравство.

Скринингот ќе се спроведе во сите 80 општини и во градот Скопје, при што ќе бидат тестирани точно 8.178 ученици. Целта е да се откријат случаи со корона вирусот и да се утврди дали постои внатрешен пренос низ училиштата.

Вјолца Алити

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button