ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За многу од собраниските седници оставени на половина, партиите немаат решение

За многу од седниците оставени на половина, законите во процедура и илјадниците амандмани низ комисии, партиите немаат решение. На дневен ред на Собранието во моментов е само продолжението на 30-та седница што беше почната на 18 јануари. Само во рамките на оваа седница, за десетици точки на дневниот ред, дебатата сè уште не е започната, а за десетици други постапката е заглавена во комисиите.

Алсат ги контактираше пратеничките групи од каде ни потврдија дека засега нема договор за продолжување на нормалното функционирање на Собранието и оти не е јасна судбината на преостанатите седници.

Според информациите на официјалната веб-страница на Собранието, од 38 отворени седници досега, 18 не се завршени. Седум од нив се седници што почнале во август, неколку дена по конституирањето на Собранието. Блокадата главно доаѓа како резултат на политички несогласувања, но и од небрежност на пратениците кон нивната обврска да работат во Комисиите. Ненавременото разгледување на предлог-законите во комисиите ги пролонгира пленарните седници. Ова го потврди и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Иако власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за овој проблем, ситуацијата е иста во двата блока. Најстарата од сè уште незавршените седници во комисиите е првата седница на Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, првично свикана на 22 октомври минатата година. Нејзин претседател е опозицискиот пратеник, Халил Снопче. Ни седницата на Комисијата за финансирање и буџет од 13 ноември 2020 година сè уште не е завршена. И со неа раководи опозициски пратеник односно Тимчо Муцунски. Седницата на 14-ти декември на Комисијата за избори и именувања со која претседава пратеникот од мнозинството Костадин Костадинов и седницата од 7-ми декември на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, со која исто така раководи пратеничката од мнозинството Соња Мираковска, сè уште не се завршени, исто како и десетици други седници.

Fatlume Dervishi

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button