ЕКОНОМИЈА

За тутунопроизводителите ниска е откупната цена на тутунот

Oткупот на тутун во просек за 374 денари по килограм останува неприфатлив за тутунопроизводителите. Според тутунопроизводителите од селото Житоше во општина Долнени и од општина Крушево, тутунот се откупува по ниска цена во однос на високите трошоци за неговото одгледување.

„Може да се живее ако добро платат, ако не како да се живее. Има многу трошоци, треба најлон, не се прави без вештачко ѓубриво, треба да се покрие. Треба да ораш земја, ти треба масло за тракторот, треба гуми, треба да го поправиш тракторот, има многу трошоци, нормално. Кога ќе дојде време да го земат, го земаат како сакаат, не колку ти дал, туку како што сака. Цената беше малку подобра, но ако ја споредиме со другите цени, цената на тутунот е ниска“, вели еден жител на село Житоше.

„Проценуваме 10 евра, но тие 360 или 370 денари и не плаќаат повеќе. Колку засади оваа година? Засадивме некаде 15 декаметри, 1 и пол хектар“, вели жител на село Пресил.

На откупниот пункт во Тутунскиот комбинат во Прилеп, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски рече дека тутунопроизводителите годинава ќе бидат многу позадоволни во однос на лани.

„До сега се откупени 1.400 тони тутун по просечна цена од 374,3 денари, а исплатени се 45 отсто од откупениот тутун. Земјоделскиот инспекторат го следи овој процес. Како министерство сме во комуникација со сите здруженија, со Сојузот на тутунски здруженија кој е овластен од Министерството и го следиме целиот процес. Се надевам дека после викендот ќе добие поголем интензитет. Просекот што ќе се постигне на државно ниво ќе биде поголем од лани. Едноставно, ние како држава, ние како министерство, никогаш нема да дозволиме да има разочарување како во минатото“, изјави Трипуновски.

Македонија има долга историја и традиција на одгледување и извоз на суров тутун, главно прилепски. За жал, според последните студии, производството на тутун опаѓа. Бројот на пушачи на тутун во 2020 година изнесува 19.702, што е помалку од половина од бројот во 2010 година (42.622).

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button