ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Захариева му одговори на Заев, позицијата на Бугарија не била лесна за да се разбере

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов вели дека позицијата на Бугарија кон С. Македонија е во согласност со европските интереси и оти таквиот пристап нема да влијае врз безбедноста на ЕУ. Каракачанов призна дека имало притисок од земји-членки на ЕУ да ја убедат Бугарија да се откаже од ветото, но додаде дека компромисот со, како што рече, антибугарската политика е неприфатлив.

„Никогаш нема да направам компромис со антибугарската политика и не ме интересира прва, втора или трета држава што има свој интерес и визија. Бугарија има свои интереси. Имаше обиди да нè убедуваат, но тезите со кои пробаа, немаа аргументи. Ја разбирам заложбата на нашите партнери да се откажеме, но на крајот Бугарија мора да ги оствари своите интереси.“

Во меѓувреме, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева му одговори на премиерот Зоран Заев. Таа истакна дека позицијата на Бугарија не е лесна за разбирање и оти не може да се очекува Софија да замижи пред државните интереси.

„Нашата позиција не е лесна за разбирање. Но, тоа не значи дека не треба да продолжиме со напорите да ја објасниме. Во исто време, не очекувајте Бугарија да ги затвора очите.“

Премиерот Заев деновиве на двапати изјави дека во спорот со Бугарија веќе не знае точно каде лежи проблемот, но додаде дека дијалогот треба да продолжи сè додека не се најде компромис меѓу двете земји. Мотивиран од поддршката на другите земји-членки на ЕУ, Заев рече дека очекува подобри денови од следното претседателство со Унијата, она на Португалија.

Adrian Kerimi

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button