
Заменик-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид која престојува во Софија вчера имаше средба со бугарскиот претседател Румен Радев. Според прес-службата на Радев, тие разговарале за руската инвазија на Украина, која радикално го менува безбедносното опкружување не само во регионот, туку и во Европа. На средбата се разговарало и за стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, како и за проширувањето на Европската Унија. Радев и Донфрид говореле и за напредокот во процесот на европска интеграција на Западен Балкан, како стратешка цел за поддршка на безбедноста и стабилноста на Европа.
Притоа, како што е соопштено, Радев истакнал дека Бугарија е најзаинтересирана за забрзување на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија, но оти Софија очекува јасни и недвосмислено правно обврзувачки механизми и реални чекори за искоренување на говорот на омраза и систематските примери на дискриминација на граѓаните со бугарска самосвест.