ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Засилени полициски контроли за брзо возење и за возење под дејство на алкохол

Глоба од 375 евра и забрана за возење до една година. Ова се казните во пари, но има и бесценети загуби – човечките животи. И покрај ова, голем е бројот на возачи кои седнуваат зад волан под дејство на алкохол.

Полицијата во текот на изминатава ноќ засилено контролирала на патиштата во целата земја и казнила 176 возачи кои возеле во алкохолизирана состојба. Тие веднаш биле исклучени од сообраќај. Најмногу пијани возеле во Скопје, Битола, Штип и Охрид. Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата велат дека засилени контоли од МВР се неопходни, но и подигнувањето на јавната свет.

„Се чини дека одредена група учесници во сообраќајот не ги загрижува фактот што секоја година во Македонија гинат околу 120 до 130 лица, а околу шест илјади лица остануваат повредени или трајни инвалиди како резултат на сообраќајни несреќи“, изјави Дејан Андоновиќ – портпарол на РСБПС.

Од Советот сметаат дека во некои ситуации треба да се казнува, во други може да се предупредува и опоменува, но велат дека за дел од сообраќајните прекршоци не смее да се има никаква толеранција.

„Управување под дејство на алкохол, возење со пречекорена брзина, на што сме сведоци секојдневно и во градовите и надвор од градовите, и непочитувањето на сообраќајната сигнализација или да се помине на црвено, едноставно кажано. Тука не смее да има толеранција и нема толеранција“, рече Дејан Андоновиќ – портпарол на РСБПС.

Сепак, во 2020 година е забележан најмал број жртви во сообраќајни несреќи во изминатава деценија, а бројот продолжил да опаѓа и годинава.

Ваквиот тренд можно е да се должи на ограничувањата во движењето поради корона пандемијата. Надлежните, пак, сметаат дека придонесуваат и кампањите за превенција.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button