Здравјето на Мухамед Зекири е добро, но чекал 4 дена за трансфер во болница

На главоболки и болки во стомакот Мухамед Зеќири во затворот во Шутка се пожалил уште претходната недела. По барање на одбраната и на затворскиот лекар е побарано итно пренесување на Зеќири на Инфективната клиника. Но, иако барањето е итно, Зеќири чекал четири дена за од Шутка да биде префрлен на Инфективна.
„Без тоа одобрение, не. Без тоа одобрение домскиот лекар се грижеше. Ние немаме услови за некои параметри да се направат или да се истражат и се препратуваат до клиниките… Моменталната состојба му е добра и се подобрува…“, рече Филип Андов, директор на затворот во Шутка.
Прашавме во скопскиот Кривичен суд зошто се чекало четири дена за да се издаде потврдата, но од судот не добивме одговор, иако претходно ставот на судот беше дека во најбрз можен рок е одобрено лекувањето на Зеќири.
Вчера кривичниот суд му го продолжи притворот на поранешниот владин генерален секретар за нови 30 дена. Денеска од адвокатскиот тим на Зеќири за Алсат велат дека поднеле жалба до Апелација со која бараат укинување на притворот.
Зеќири е осомничен за злоупотреба на функцијата со тоа што надвор од тендерска постапка избрал фирма од Хрватска за консултантски услуги. Според обвинителството, направена е штета од околу еден милион евра.
Игор Стефановски