
Полиците на маркетите каде обично се продава овошје и зеленчук се речиси празни на секое продажно место во Скопје. На маркетите не може да се најдат сезонски увозни производи кои се вклучени во државните мерки. Домати и краставици по цена од 95 денари нема. Граѓаните се револтирани од трговците, кои и за верските празници го гледаат само нивниот интерес. Од друга страна велат дека државата со овие мерки им ги оставила масите празни .
Добавувачите со кои разговаравме велат дека маркетите не ги нарачуваат истите количини иако според владината одлука најмалку 70% од производите треба да бидат достапни на полиците на маркетите. Од друга страна, вработените во маркетите велат дека трговците на големо и понатаму ги држат цените високи.
Но, тие лесно се наоѓаат на зелените пазари во земјава каде се продаваат без фискални сметки и поскапо, Тие не ги почитуваат владините одлуки за замрзнување на цените. Од Пазарниот инспекторат велат дека интензивно работат на терен со целиот капацитет што го имаат.
„Во согласност со мерките на Владата, на целата територија на државата, од денот на одобрувањето на решенијата до сега, извршени се над 650 инспекциски надзори и контроли и забележани се прекршувања на решенијата во 22 стопански субјекти, за што се издадени платни налози во вредност од над 1,3 милиони денари“, наведуваат од ДПИ.
Доматите на пазар се по цена од 150 денари, иста е состојбата со зелените пиперки кои се продаваат по 200 денари за килограм, краставиците се продаваат за 120 денари, а гравот 160 денари за килограм. На зелените пазари се продава по старите цени, а трговците велат дека тие зависат од трошоците за купување на големо, кои според нив се уште скапо се увезуваат.
Аднан Ќаили