ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Згасна и последната надеж за отворање на преговорите меѓу Македонија и ЕУ до крајот на годинава

Последниот обид на германското претседателство да ги деблокира преговорите за членство со Северна Македонија на крајот на годината заврши неуспешно. Поради бугарското вето, ЕУ не успеа да ја одобри рамката за преговори за Македонија и поради ова, тешко дека ќе се донесе рамка само за Албанија. Неофицијално се соопштува дека бугарските барања станале дел од новиот нацрт заклучок што ќе го дискутираат вечерва европските амбасадори и дека следствено на тоа овој пат ќе бидат поддржани од Софија.

Advertisements

Во ставот 8 од нацрт-заклучоците се вели:

Нацрт-заклучок за проширување:

„Мора да се воздржуваме од изјавите и постапките што негативно влијаат на добрососедските односи. Советот на ЕУ потсетува на Договорот од Преспа меѓу Република Северна Македонија и Грција и на Договорот за добрососедски односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста од нивната имплементација. Овие два чекори мора ефикасно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата.“

И покрај безусловната одлука од март за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, со овие заклучоци на некој начин, европската иднина на земјата е условена со напуштање на антибугарската кампања и имплементација на билатералниот договор, во време кога Софија го обвинува Скопје за поттикнување говор на омраза и неспроведување на билатералниот пакт. Софија бара во меѓународните односи да се користи само целосното уставно име на државата „Република Северна Македонија“.

Усвојувањето на овие заклучоци долго време беше држено во заложништво од Бугарија, која инсистираше земјава да се казни поради, како што велат, погрешното толкување на историјата. Покрај повикот до земјите од регионот да ги решат билатералните спорови, преку нови заклучоци, се очекува ЕУ да го повтори повикот за осуда на воените злосторства и зајакнување на напорите за спроведување на реформите во судството, борбата против корупцијата и реформите поврзани со економскиот развој. Инаку, Бугарија одбива да го потпише и договорот меѓу земјава и Фронтекс, бидејќи го вклучува терминот „македонски јазик“.

Анеса Салиху

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button