Згоелемен бројот на купени полиси за животно осигурување

Од јануари до март годинава, 20 илјади граѓани си го осигурале животот. Тоа претставува зголемување од осум отсто во споредба со истиот период лани. Сега бројот на граѓани кои имаат животно осигурување надмина 281 илјада. Од Агенција за супервизија на осигурувањето велат дека најмногу се вложува во таканареченото ризико – осигурување, таква полиса купиле нешто повеќе од 220 илјади граѓани.
„Овој продукт вклучува осигурувањето на животот на осигуреникот и во случај на негова смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија“, наведуваат од Агенција за супервизија на осигурување.
Од останатите компоненти, извештајот за осигурување покажува дека 50 илјади граѓани животот го осигурале со можност за штедење. На овој начин осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување може да го добие како заштеда со одредена камата. Податоците покажуваат и дека до крајот на март 11.000 граѓани имаат животно осигурување популарно наречено „јунит линкд осигурување“. Станува збор за осигурување кај кое со вложените пари се тргува на берзите и на инвестициските фондови и постои посебен ризик за добивка кај осигурениците.
Иле Петревски