Жителите на Чаир предупредени да ги отстранат возилата што не се користат

Жителите на општина Чаир имаат уште неколку дена да ги отстранат паркираните автомобили, кои не се поместени со години. Предупредувањата се оставени на прозорците на овие автомобили. Оваа акција беше направена на почетокот на март, но во тоа време општината сè уште ја немаше обезбедено парцелата каде што ќе ги испраќа овие возила. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вели дека во оваа општина се идентификувани над 100 вакви возила. Спроведувањето на процесот ќе го преземе компанијата „Старо Скопје“. Сопственикот ќе мора да плати 20 денари за секој час што автомобилот ќе остане на отпадот за старо железо.
„Секоја општина мора да дејствува индивидуално. Еднаш беше покрената иницијатива со Претпријатието за паркинзи, на ниво на Скопје, но целиот проблем беше во локациите, каде ќе ги соберат, бидејќи не е во интерес на никого тие автомобили да останат тука. Но, имавме дополнителен проблем, имајќи ја во предвид територијата на општина Чаир, 3,4 квадратни километри, не сакавме таква локација да биде во нашата општина, бидејќи немавме простор, така да земавме под наем локација во Бутел“, рече Висар Ганиу – градоначалник на општина Чаир.
Пред извесно време општина Чаир усвои Правилник, според кој ќе се реши проблемот со возилата кои не се користат. Согласно Правилникот, сопственикот на возилото првично ќе биде известен преку лист прикачен на застареното возило, дека во законскиот рок од осум дена, мора да го отстрани автомобилот. Доколку се идентификува сопственикот на возилото, истото известување ќе биде испратено на неговата домашна адреса. Ако не се почитува рокот, тогаш возилото ќе се отстрани со пајак службата и ќе се прати на парцелата која се наоѓа во Бутел.
Во рок од 30 дена сопственикот мора да одлучи дали ќе го земе автомобилот или ќе го стопи. Доколку сопственикот на возилото не донесе одлука во рок од 30 дена, се предвидува автомобилот да се стопи. Се обидовме да контактираме со градоначалникот на Бутел, да видиме дали и тие планираат да отстранат такви возила, но обидот беше неуспешен.
Еви Шкопи