ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Жителите на „пластичарска“ преку протест бараат семафори, Град Скопје молчи

Пред два дена жителите кои живеат околу улицата позната како пластичарска во Скопје, во знак на протест два часа ја блокираа улицата барајќи да се постави сигнализација. Тоа е затоа што на овој патен правец поради немање сигнализација често се случуваат сообраќајни незгоди, дури и со смртни последици.

На новинарско прашање што ќе прави во однос на барањето на жителите, првиот човек на Чаир Висар Ганиу рече дека неколку пати има поднесено барање до Град Скопје за поставување на семафори, но од оттаму не добил никаков одговор.

„Тој булевар е под Град Скопје и ние неколку пати баравме но немавме одговор од нив. И на булеварот Христијан Тодоровски Карпош често има вакви инциденти. Ние интервениравме и побаравме и од поранешниот градоначалник и успеавме да поставиме сигнализација и семафори кои никогаш не се ставени во функција, а од Град Скопје немаме официјален одговор зошто не се поставени“, рече Ганиу.

Дури и жителите кои живеат околу пластичарска рекоа дека неколку пати испратиле барање до Град Скопје да се преземат мерки и да се постави сигнализација на овој патен правец, но досега не е преземена никаква активност од нивна страна.

„Немаме можност да излеземе од автомобилите и презедовме иницијатива Градот Скопје да постави некои знаци или семафори за да можеме безбедно да го поминеме патот. Го известивме градот Скопје но три недели не добивме одговор и ја известивме полицијата и го блокиравме патот“, реагираат граѓаните.

Жителите на пластичарска пред неколку дена најавија дека ќе продолжат со протестот додека не се реши овој проблем. Од град Скопје не добивме одговор што ќе се преземе за да се реши овој проблем.

Авни Тахири

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button