
Младен Жижовиќ, тренерот на Шкупи, не го криеше задоволството од победата на неговите избраници против големиот ривал Вардар.
Чаирчани пред својата публика со голови во второто полувреме го совладаа Вардар со 3-0 и со тоа ја продолжија трката за шампионската титула во ПМФЛ.
„Добро се подготвивме за овој натпревар, што резултираше со победа. Иако во првото полувреме немаше голови, во ниту еден момент не се сомневавме дали ќе го победиме Вардар. Противникот апсолутно ништо не направи во првото полувреме. Ние во вториот дел игравме исто, но успеавме да постигнеме голови. Денес ние бевме подобар противник и заслуживме да победиме“, рече тренерот на Шкупи.
По 25 одиграни кола во ПМФЛ, Шкупи ја зазема втората позиција на табелата со три бода помалку од лидерот Струга Трим Љум. /Gol.mk/