
Спасувачите во Босна и Херцеговина продолжуваат да трагаат по исчезнатите лица во големите поплави што ја погодија земјата. Дождовите и лизгањето на земјиштето однесоа најмалку 13 животи а десетици се водат за исчезнати. Уништени се патни и железнички врски, а сообраќајот од Мостар кон Јабланица е целосно блокиран.
„Кантонот Неретва во Херцеговина е опустошен од катастрофалните поплави кои предизвикаа масивни лизгања на земјиштето. Официјалниот број на исчезнати е 10. Четири во Коњиц и шест во Јабланица. Во Јабланица сме сигурни во локацијата на мртвите тела и очекуваме да бидат пронајдени. Во полицискиот извештај се вели дека таму се бараат шест лица“, рече Дарко Јука, портпарол на кантоналната влада.
Властите во Јабланица пријавија голема материјална штета, а градежните возила работат на отстранување камења и остатоци. Како резултат на природната катастрофа, некои села и понатаму се блокирани поради оштетување на патната инфраструктура.
„Бог да ни е на помош… како можам да се чувствувам? Изгубив четворица од моето семејство, куќата е целосно уништена, никој не остана жив, никој. Што да ви кажам…’’, изјави Алка Гушиќ, жител.
Освен во Босна, поплави во последниве денови имаше и во други земји од регионот, меѓу кои Албанија, Црна Гора и Хрватска. /Alsat.mk