Охридските ресторани ги намалија цените за да им влезат и домашни гости
Охридските ресторани ги намалија цените за да им влезат и домашни гости

Дел од охридските угостители почнаа да ги намалуваат цените на услугите, стравувајки дека можат да стават клуч на врата зимава поради намалениот обем на работа. Дополнителен притисок има и од јавноста која беше сведок на енормно високите цени летово во Охрид. Некаде намалувањето е за една третина и тоа на целото мени. Во овој дел од годината околу 70% од гостите се домашни, вели Игор Целески, менаџер на ресторан.
„…Ги намаливме цените за да може сите да дојдат и да пробаат што нуди ресторанот. Неопходно е тоа надвор од сезона да се намалат цените. Доста од рестораните го направија тој чекор, некаде повеќе, некаде помалку“, изјави Игор Целески-менаџер на ресторан.
Охрид го живееше најскапото лето досега. Цените на угостителските услуги во локалните ресторани и кафетерии особени во оние сместени покрај самото езеро, го достигнаа максимумот и изнесуваа колку во европските метрополи.
„Можам да се сложам со сите дека цените беа повисоки, но треба секој да има во предвид и зошто е тоа така. Можеби само Охрид и Скопје ја имаат таа привилегија да плаќаат многу поскапи кирии и вработени. Не се исти платите за вработените во другите градови, како во Охрид и Скопје…“, нагласи Игор Целески-менаџер на ресторан.
Во Охрид и Струга треба да се размислува за воведување на летни и зимски цени, односно угостителите треба да почнат да водат грижа и за локалните жители, сметаат туристичките работници. Поради високите цени, велат тие, охриѓани се чувствуваат како туристи во сопствениот град преку цела година.
„Ако се намалат после сезоната цените на услугите по рестораните, таа празна сезона, посебно од ноември до февруари, ќе биде пополнета со домашни гости и никој нема да изгуби…“, рече Владо Суклоски-туристички работник.
Дури и пиењето на кафе во Охрид стана луксуз. За ова задоволство со поглед на езеро туристите летово требаше да платат и по 150 денари, а за топка сладолед и до 120 денари. Ваквите цени некои од локалните објекти и понатаму ги држат и покрај тоа што зјаат празни. За разлика од Охрид, цените во Струга се поефтини, но и таму летово се забележа извесно поскапување.
Мики Трајковски