Големата кашлица се шири низ регионот

Големата кашлица, позната и како магарешка кашлица или пертусис сѐ повеќе се шири низ регионот, а најалармантна е состојбата во Хрватска. Станува збор за болест која до неодамна се сметаше практично за искоренета. Ако до пред само една година немало ниту еден заболен, сега се случува вистинска епидемија.
Пертусис е акутна високо заразна бактериска инфекција на респираторниот систем, која се карактеризира со напади на спазматично кашлање. Најчесто се јавува кај доенчиња и мали деца. Текот на болеста е постепен, а бидејќи почнува како обична настинка, на почеток, кога заболениот е најзаразен, не постои сомнеж за голема кашлица, па болеста непречено се шири.
Доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, во своето гостување во утринската програма на „Слободен печат“, апелира родителите да ги вакцинираат своите деца со ДиТеПер вакцина за да ги заштитат од магарешката кашлица од која веќе има два позитивни случаи во државата.
„Бројот на заболени во Македонија за 2023 година од пертусис беше три случаи. Имавме еден случај во септември, еден во октомври еден во декември. Сега во јануари се пријавени 2 случаи на пертусис. Едниот е случај од Кичево кој што е резултат на импортиран пертусис од Данска и вториот случај е веќе хоспитализиран во Козле. За него точна епидемиолошка анализа нема, но би требало да се работи за импортиран случај, затоа што во Македонија немавме случаи на пертусис изминатата година освен во овие три месеци кои ги споменав, рече Мехмедовиќ.