Кодексот за фер избори без потпис на еден од кандидатите

Кодексот за однесување во предизборието, ги собра во ДИК сите седум кандидати за претседател- кодексот ги обврзува дека ќе ги почитуваат изборните закони и владеењето на правото.
„Учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат никаква дискриминација или омаловажувања врз основа на пол“, рече Александар Даштевски – претседател на ДИК.
Противкандидатите од минатите претседателски избори очекуваат да се повтори солидното ниво на политичка култура.
„Уверен сум дека како и пред пет години нема да биде оспорен изборниот резултат во суштинска смисла, можни се одредени процедурални забелешки и приговори, меѓутоа во целина мислам дека ќе докажеме дека како држава сме подготвени“, рече Пендаровски.
„Ниту минатиот пат, ниту сега, нема да посегам по ад-хоминем однос, ќе говорам со аргументи за програмата и ќе ги почитувам сите кандидати“, рече Гордана Силјановска Давкова – кандидатка за претседател.
Османи и Таравари пак, најавија позитивна кампања.
„Никогаш, до сега, не сум користел некоректен пристап кон некој во политичката трка. Никогаш не сум користел црна кампања или несоодветен јазик кон било кој противник“, рече Османи.
„Јас посакувам и се надевам дека овие избори ќе бидат пофер и подемократски, барем од претходните избори што ги имавме во 2021 година. Тоа не зависи толку од нас кои сме кандидати на опозицијата, туку од партиите кои се на власт“, рече Арбен Таравари, кандидат за претседател од ВЛЕН.
Кодексот единствено не го потпиша Стевче Јакимовски, зашто пропадна обидот за заедничка дебата. Од друга страна, Ванковска и Димитриевски не очекуваат Кодексот да се почитува.
„Длабоко ви се извинувам. Јас Кодексот ќе го почитувам, меѓутоа ако немаме дебати, јас Кодексот нема да го потпишам“, рече Јакимовски.
„Во ова парче хартија јас не верувам, ова е празно слово на хартија“, оцени кандидатката Билјана Ванковска.
„Оваа форма којашто ја потпишуваме, уште однапред, без разлика што преземам целосна одговорност со моето потпишување да ја почитувам, нема да биде почитувана во целост“, рече Максим Димитриевски – кандидат за претседател.
Кампањата за претседателските избори започнува во четврток на четврти април, а изборите се закажани за 24-ти април, в среда.
Лука Андреев