Власта не кажува дали идентитетските прашања се во акцискиот план со Бугарија

Останува непознато дали барањата на Софија за прашањата на македонскиот идентитет се дел од нацрт-акцискиот план што бугарската министерка за надворешни работи Захариева му го предаде вчера на специјалниот пратеник Бучковски. Бугарските медиуми откриваат дека документот содржи отворање на бугарски универзитетски кампуси во земјата и историски книги. Бучковски пак, само открива дека документот е всушност очекуваниот одговор од Софија на предложениот акциски план што Скопје го доставило пред извесно време. Бучковски рече дека став земјата ќе гради само откако ќе разгледа што доставила Бугарија.
„Сето ова мора да создаде доверба меѓу владите и државите. И покрај интензитетот на моите состаноци, очигледен е интересот на обете страни да не дозволат замрзнување на комуникацијата само преку медиумите или посредниците.“
Најавено е дека билатералниот акционен план ќе биде потпишан на следниот состанок на заедничката меѓувладина комисија, но сè уште не е утврден датум. Во меѓувреме, македонската опозиција ја обвинува Владата дека се пазари со македонскиот идентитет.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи го негираше постоењето на некаков анекс од 12 точки, што според бугарскиот вицепремиер Каракачанов е услов за почеток на преговорите со Европската унија. „Не знам за кој документ се зборува, нема документ што е именуван како анекс кој има 12 точки“, изјави Османи. Претходно Каракачанов рече дека Скопје може да добие поддршка од Софија да започне преговори со ЕУ само ако го прифати анексот, кој меѓу другото наводно вклучува откажување од историските и македонските малцински побарувања во Бугарија и промена на образовниот систем.
Anesa Salihu