ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Општина Охрид со предлог-мерки против ковид: Угостителите да работат само на терасите

Угостителските објекти да работат само на отворен простор. Внатре во објектите да не смее да се нудат такви услуги, бараат локалните власти во Охрид. Причина за ваквиот предлог на локалната власт до Комисијата за заразни болести е драстичниот пораст на заболени со ковид во градот. Дополнителен проблем е што во Охрид за време на викендите има многу гости од други градови, но и од соседна Албанија.

Advertisements

„Викендите се полни и изобилуваат угостителските објекти, скоро сите имаат тераси и затоа да биде овозможено обавување на угостителска дејност само на тераси и тоа на одредена дистанца да се поставуваат масите…“, рече Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.

Другите барања на општина Охрид и на локалниот кризен штаб се да се заострат и мерките за движење и групирање, како и да се ограничи работењето за време на викендите. Од здружението на угостители на Охрид велат дека поригорозни мерки од сегашните би биле неоправдани и претерани во овој момент.

„…Се надеваме дека ќе дојде поубаво време, атмосферските услови ќе дозволат работење надвор и тоа ќе олесни во еден дел. Меѓутоа не го гледаме изворот на развивањето и експанзијата на вирусот во угостителските објекти“, рече Михаил Мишев-претседател на здружението на угостители на Охрид.

Сепак, во Охрид има секојдневен раст на бројот на заразени. Во охридската болница, според директорот Горан Балев, во последните 24 часа биле потрошени 165 боци со кислород. Актуелно таму има околу 130 пациенти. Во Струга пак, состојбата со вирусот е постабилна. Во тамошната болница има само 18 пациенти.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button