Примамлива ли е милионската гаранција на Мијалков за да излезе од Шутка?

Обвинителството за организиран криминал и корупција, сѐ уште нема одлучено дали ќе даде позитивно мислење за да може Сашо Мијалков да излезе од Шутка или ќе даде негативно мислење и тој ќе остане зад решетки. Предметот по жалба е во Кривичниот суд и го чекаат Обвинителството на Вилма Русковска да пресече, дали гаранцијата од над седум милиони евра е доволна.
„Предметниот обвинител го подготвува мислењето и се уште не се има произнесено по предлогот за гаранција за кој покажувате интерес. По предложената гаранција јавноста ќе биде навремено информирана откако ќе биде подготвен и доставен до Основниот кривичен суд Скопје. Претходно во два наврати обвинителството даде негативно мислење за предложените гаранции“, наведуваат од Обвинителството за гонење организиран криминал.
Мијалков со повеќе милионската гаранција, бара притворот да му биде заменет со поблага мерка. Гаранцијата која тој ја нудел преку неговите адвокати, растела со секое негативно мислење кое го давало обвинителството, под сомнеж дека поранешниот директор на тајната полоција може да избега, имајќи ја предвид неговата финансиска моќ. Мијалков е во Шутка од 26 – ти февруари, кога доби притвор за децениското нелегално прислушување од 12 години. Доби нов притвор во случајот „Трезор“ за набавката на опрема за прислушување, кога беше осуден на 8 години затвор.
Тој во истражниот затвор Шуто Оризари е околу два и пол месеци. Мијалков е пред нова пресуда во „Тортура“ или за бруталното апсење на Љубе Бошковски во 2011 – та година. Во овој случај му се заканува казна затвор од три до осум години. Освен тековните судења, обвинителството за организиран криминал му поднесе обвинение и во случајот „Плацеви на Водно“. Мијaлков се сомничи дека му помогнал на тогашниот премиер Никола Груевски да купи 11 илјади квадратни метри земјиште на Водно и притоа да се скрие дека Груевски купува, организирајќи транскцијата да оди преку офшор фирма регистрирана на Белизе.
Бојан Стојановски