ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Две недели од трагедијата во Тетово, случајот сѐ уште во предистрага

Наместо одговори и одговорност за избувнувањето на поажрот во модуларната болница во Тетово, сите ги креваат рамениците. Иако поминаа 15 дена по трагедијата во која животот го загубија 14 граѓани, сите функционери молчат, а одговор најавуваат по завршување на истрагата.

Инаку, Обвинителството сè уште е во фаза на предистрага. По обвинувањето од општина Тетово дека системите за гасење пожар во модуларната болница се во надлежност на Министерството за здравство, оттаму уште нема одговор на ова тврдење. Ресорниот министер во оставка Венко Филипче денеска не коментираше ништо за изгорената модуларна болница, иако во документите на Светска Банка и на Министерството за труд и социјала јасно се наведени поединечните надлежности.

„Е, па, со оглед на тоа што се вклучени институции, обвинителство, нека констатираат, а јас сум било кога после завршување на тој процес на располагање и за разговор и за изјави и за било што“, рече министерот Филипче.

Понудената оставка на Филипче до премиерот Зоран Заев остана во премиерската фиока, бидејќи тој за неа ќе реши откако Обвинителството ќе ја заврши истрагата. Од друга страна, директорот на тетовската болница, Флорин Бесими сè уште ја нема поднесено оставката до Филипче, иако ја најави на социјалните мрежи. Министерот за животна средина, Насер Нуредини од говорницата на ДУИ не сакаше да ги коментира најавените оставки на директорите на тетовската болница.

„Верувам дека за таа работа има портпарол и верувам дека ќе одговори за прашања околу партијата. Ако сакате, тука сме да разговараме за „Зелената Агенда“ од аспект на животната средина“, изјави Нуредини.

Според документите за градбата на модуларните болници, токму директорот Бесими бил одговорен за заштита од пожари како и одговорно лице во болницата. Проектот е на МТСП и Светска Банка, а локалните власти и директорите на болниците требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници. Но, дали имало или немало надзор при изградбата на модуларните болници, тоа треба да го покаже истрагата на Обвинителството, бидејќи во докумнетот во делот за надзорот е јасно наведено дека тоа ќе биде додадено подоцна, но тоа не било направено.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button