Заглави повторното судење за убиството на полицаец „алфа“ кај ПМФ

Кривичниот суд не одговори на барањето на одбраната во случајот „АЛФА“ која преку ново вештачење има за цел случајот повторно да се суди. Прашања упативме до првиот човек на првостепениот суд, но одговор досега не добивме. Одбраната од минатата недела го чека формирањето на Советот кој ќе оцени дали вештачењето со кое е констатирано дека осудените лица не се поврзани со материјалните докази, ќе донесе нов момент и ќе отвори ново судење.
Алсат неофицијално дознава дека идејата на страните била вештачењето да биде испратено на оценка до Бирото за судска медицина, дејствие што досега не се случило, бидејќи секој силен доказ кој би донел нови моменти би ги вратил предметите на повторно судење. Претходно, Бирото за судска медицина соопшти дека за да се изврши вештачење на видео-материјалот од убиството на паркингот кај Природно-математичкиот факултет во Скопје, не поседува материјални и човечки ресурси. И МВР има недостиг на ресурси за некои видови вештачење.
Во меѓувреме, во Собранието, во фаза на јавна расправа, заглави Предлог-законот за повторно оценување на фактите и доказите кои се користат како доказ во судската постапка. Со него се предвидува отворање на судски предмети за кои странките сметаат дека можат да донесат поинаква пресуда.
Убиството на еден полицаец и ранувањето на уште двајца се случи на 26 ноември 2008 година на паркингот кај Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 2010 година судот ги осуди Реџаил Ќерими, Агим Ислами и Алмир Дрпљанин на доживотен затвор, додека Рамадан Шаќири беше осуден на 9 години затвор за давање логистика.
Адриан Керими