Работната група за економија ќе заседава прва во Скопје, ќе се резервира природен гас преку Булгартрансгас
![](https://alsat.mk/mk/wp-content/uploads/2020/09/gas4_660x388.jpg)
На први февруари, во вторник, се очекува да се одржи првиот состанок на новоформираните работни групи со Бугарија. Во Скопје ќе заседава меѓувладината работна група за економија, трговија и иновации, а неофицијално организатор на состанокот е Министерството за финансии.
Претходно, министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека во склоп на работната група, во делот на економијата и трговијата било договорено да има и Секретаријат, кој секојдневно ќе комуницира.
„На состанокот ќе ги разгледаме можностите за усогласување на делот од регулативите за акредитацијата, стандардизацијата, преку Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат, се со цел да ја олесниме трговската размена меѓу двете држави, која секако е во полза и на нашата економија. Во делот на туризмот разговаравме кон крајот на февруари да имаме посета на бугарски туроператори во нашата држава, кои ќе имаат состанок со нашите туроператори и туристички агенции, а во делот на енергетиката, ги разгледуваме можностите за да резервираме количини на природен гас, преку Булгартрансгас. Се работи и на физибилити студија за дополнителен Интерконектор во делот на снабдување со природен гас, кој е Петрич-Струмица.“, рече Бектеши за Алсат.
За ко-претседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за економија, трговија и иновации се назначени Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, а за членови се определени Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија, а членови на комисијата треба да назначат и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи, Фонд за иновации и развој, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенција за промоција на туризмот, како и Министерството за економија за делот на енергетиката.
Лука Андреев